LEGO®-Based Therapy

Како да се изгради социјална компетентност кај децата со аутизам на возраст од 6 до 16 години кои ќе бидат вклучени во LEGO® Клубот кој работи во склоп на СТЕМ Академија.

Нарушувањата од аутистичниот спектар (АSD) претставуваат невроразвојни нарушувања за кои се карактеристични три главни типови на тешкотии: нарушување во социјалната интеракција, пречки во комуникацијата и ограничени и стереотипни шеми на однесувања, интереси и активности. Со терминот „Нарушување од Аутистичен спектар” (“Autism Spectrum Disorder” – ASD), се опишува континуум на поврзани нарушувања, вклучувајќи го Аутизмот, Аспергеровиот синдром и Первазивни развојни нарушувања.
Постоење на недостатоци во социјалната комуникација и социјалната интеракција кај децата со аутизам можат да се манифестираат како:
1. Намален социјално-емоционалниот реципроцитет, кој се движи од абнормален социјален приод и недостаток на следењето на текот на конверзацијата и намалено споделување на интереси, емоции, афект и реакција, па се до комплетен недостаток на иницирање на социјална интеракција;
2. Дефицити во невербална комуникација која се користи за социјална интеракција, од сиромашна интегрирана вербална и невербална комуникација се до абнормалности или недостаток на контактот со очи и гестови или јазикот на телото или дефицити во разбирањето и користењето на невербалната комуникација;
3. Недостатоци во развојот и одржувањето на релациите со други деца, кои се движат од тешкотии во прилагодувањето сопственото (соодветно) однесување во различни социјални контексти, но и тешкотии во споделување на имагинативна игра и другарување, па се до очигледно отсуство на интерес за други лица.

Децата со аутизам наjчесто имаат рестриктивни, повторувачки шаблони на однесување, интереси и активности, кои се манифестираат преку:

1. Стереотипен или повторувачки говор, моторни движби или употреба на предмети (како што се едноставните моторни стереотипи, ехолалија, повторувачко користење на предмети и идиосинкретички фрази);
2. Прекумерно придржување на рутини, ритуализирани модели на вербално или невербално однесување, или прекумерен отпор кон промени;
3. Високо рестриктивни, фиксирани интереси кои се абнормални по интензитет или фокус;
4. Хипер или хипо – реактивност на сензорни дразби или невообичаен интерес за сензорните дразби од околината.

Според Светската здравствена организација – СЗО
1 на 160 деца има нарушување од аутистичниот спектар;
Нарушувањата од аутистичниот спектар започнуваат во детскиот период со тенденција да перзистираат во периодот на адолесценција и возрасно доба;
Некои луѓе со нарушување од аутистичниот спектар можат да живеат самостојно, другите имаат тешка попреченост и бараат грижа и поддршка за нив во тек на целиот свој живот;
Психо-социјалните интервенции како што е LEGO® базираната терапија можат да ги намалат тешкотиите во комуникацијата и социјалното однесување и позитивно да влијаат на доброто чувство и квалитетот на живот, како на лицата со нарушувања од аутистичниот спектар, така и на лицата кои се грижат за нив;
Интервенциите кај лицата со нарушување од аутистичниот спектар, потребно е да се спроведуваат заедно со многубројни активности кои ќе придонесат кон подостапна физичка и социјална средина, инклузивност, поддршка и прифаќање.
Ширум светот, лицата со нарушување од аутистичниот спектар, често се предмет на стигма, дискриминација и прекршување на човековите права. На глобално ниво, пристапот до услугите и поддршката за овие лица е несоодветен.

Овие лица кои имаат нарушување на говорот и јазикот, како и нивните семејства, се значајни за нашето општество, а тоа мораме да го покажеме преку нашата грижа и работа!

Со LEGO®-Based Therapy децата со аутизам ќе имаат пристап до STEM програмите, со што ќе им се овозможи понатамошно развивање на вештините на 21 век кои треба да ги добијат како и секое друго дете.